web admin

Коалицијата на младински организации “СЕГА” работи на развивање и примена на младинските политики во РМ, ги поврзува и јакне младите со цел подобрување на нивната општа состојба.

СЕГА е одржлива и развиена младинска организација која делува на локално, национално и регионално ниво, долгорочен и сериозен партнер во имплементација на младински програми заедно со младите, НВО-и, државните институции и бизнис-секторот. Нејзиното делување доведува до подобрена општа состојба на младите, нивна вклученост во донесување одлуки и примена на законски регулативи.

Досега, оваа организација има направено доста успешни проекти финансирани од европската програма Еразмус+, меѓу кои е и последниот проект- „Развој на политика за Младинска работа”, поддржан од Националната Агенција за Европски Образовни Програми и Мобилност, како и Агенцијата за млади и спорт.

Целта на овој проект е да се овозможи активно вклучување на младите луѓе и младинските организации преку граѓански дијалог со релевантните донесувачи на одлуки, со што ќе се обезбеди значајно влијание на иднината на младите луѓе со фокус на дефинирање на препораки за развој на програма за младинска работа, како и подобрување на влијанието на граѓанското општество во реформските процеси во согласност со критериумите за членство во ЕУ.

Во првата фаза на проектот беше организирана Национална Конференција „Како до признавање на младинската работа во Р. Македонија“ на која учествуваа 21 носители на одлуки на национално ниво и претставници на клучни граѓански организации.

Во втората фаза беа организирани 14 локални дискусии во 10 градови (Прилеп, Битола,Охрид, Струга, Дебар,Гостивар, Скопје, Штип, Кавадарци и Струмица). Преку локалните дискусии се прибираа мислењата на 288 млади луѓе и преставници на локалните институции во однос на чекорите за признавање на младинската работа и младински работници и беа дефинирани примарни препреки.

Ова е само еден од проектите кој досега ги сработи СЕГА, а на последниот датум за аплицирање кој беше во февруари 2017, добија потврда за уште еден неповратен грант за нов проект кој допрва треба да го реализираат. Од ЕРАЗМУС+ европската програма, добитници се на неповратни финансиски средства во висина од 47.710 евра.

Доколку и вие сакате да дознаете повеќе за европската програма Еразмус+, како и начините за аплицирање со ваш проект, сите информации може да ги прочитате ОВДЕ